Кадетките 17 минути не дадоа гол со Полска и останаа без полуфинале

Женската кадетска ракометна репрезентација на Македонија доживеа пораз во последниот меч од групната фаза против Полска (34-20) и на ЕХФ Шампионатот кој се одржува во Италија ќе разигрува за пласман.

Само победа над Полска беше опција за нашите репрезентативки да одат во полуфинале, но, како истата да беше голем залак. Пресудија сушните 17 минути без гол, дванаесет во низа во првиот дел, како и уште пет на отворањето на второто полувреме, благодарение на кои противникот направи огромна разлика на мечот.

Неизвесно беше само до 5-6, кога Полска направи неколку технички грешки, а нашите репрезентативки тоа го користеа. Но, потоа фортуната се сврте на спротивната страна, девојките во „црвено-жолта“ опрема почнаа да грешат и да промашуваат, по што цели 12 минути не се постигна гол и Полска се одлепи на 11-6.

На полувремето на семафорот стоеше 16-8 за Полска, а откако во воведните пет минути од второто полувреме Македонија не постигна гол, противникот се одлепи двоцифрено (21-8) и водството без проблеми го одржуваше до финишот на мечот.

Најдобри кај стрелците беа Миновска, Петровска и Јанкуловска со по четири гола, Седлоска постигна три, Ѓорѓиевска имаше два, а Џатевска, Костовиќ и Коларовска погодија по еднаш. Кај голманките, Грујовска заврши со три, а Трајкоска со четири одбрани.

Поради поразот од Полска, Македонија завршува како третопласирана во групата и ќе разигрува за пласман од петтото до осмото место на ЕХФ Шампионатот.