• Иван Димовски

Македонските ракометни кадети ја забележаа првата победа на Европското првенство, откако во групата 1 од разигрувањето за пласман славеа убедливо против Италија со 33-23 (17-13).
Уште од стартот избраниците на Горан Кузманоски се наметнаа и почнаа да градат предност, па поведоа со три разлика (5-2). На тоа следуваше реакција и два врзани гола на противниците, меѓутоа тоа не ги поколеба македонските момчиња кои набргу стигнаа до 9-5. Италија пак врза добра секвенце и се врати на „минус еден“, а на тоа пак одговоривме со серија овојпат од 4-0 за 12-8. До крајот на првиот дел сè беше пресликано од претходниот период, ривалот стигна до егал 13-13, но Македонија со четири гола стекна водство од 17-13 за паузата.
Во продолжението нашите кадети заиграа многу посигурно. Предноста почна да расте и да се зголемува. Откако беше 24-18 момците на Кузманоски направија серија од 5-0 и за првпат ја пробија двоцифрената маргина (29-18). Од овој момент Македонија не попуштија и славевме со десет гола разлика.
Наш најефикасен играч на средбата беше Бобан Поповски со „девет од девет“, додека по шест постигнаа Стефан Ѓорѓиески и Стефан Ѓорѓиевски.
Со овој триумф нашата селекција стигна до првите бодови и во новата група во која целта е да се стигне до разигрувањето за пласман од 9. до 16. позиција.
