Кадетите означија старт на „мисијата ЕП“, следат два теста со Грција

Машката кадетска ракометна репрезентација на Македонија и официјално ги започна подготовките за настапот на претстојното Европско првенство. Избраниците на селекторот денеска се собраа во спортската сала „Јане Сандански“ во Скопје, со што стартуваше првиот дел од подготовките.

Репрезентативците ќе тренираат во Скопје во периодот од 6 до 8 јули, а потоа на 8 јули ќе отпатуваат на подготовки во Австрија, каде што ќе престојуваат до 15 јули. По завршувањето на овој дел од подготовките, националниот тим повторно ќе се врати во Скопје, каде ќе ја продолжи завршната фаза пред Европското првенство.

Во рамките на подготовките, македонските кадети ќе одиграат и два контролни натпревари против селекцијата на Грција. Првиот пријателски дуел е закажан за 18 јули со почеток од 18:00 часот, додека вториот ќе се одигра на 19 јули од 12:00 часот.

На Европското првенство, нашиот национален тим игра со Словенија, Франција и Шведска.