• Мартин Танасковски
Кадетската репрезентација на Македонија забележа нова победа во разигрувањето за пласман на Европското првенство (ЕП), ја совлада Португалија (26-25) и се пласира меѓу десетте најдобри селекции на Стариот континент.
Нашиот национален тим предводен од селекторот Горан Кузманоски уште еднаш покажа дека поседува квалитет и потенцијал за иднината. Во еден борбен дуел, ракометните кадети дојдоа до триумфот, а клучниот гол го постигна Костов пред финишот.
Португалија имаше шанса да израмни, но шутот на Соуза Маркез заврши надвор од мрежата на нашиот гол. Горазд Дамчевски беше најдобар стрелец на мечот со седум гола, пред Трајче Костов со пет гола.
Македонија на шампионатот за ракометари до 18 години ќе игра за деветтото место. Ривал ќе биде Австрија или Израел.
