Кадетите ја чекаат Јапонија, можно осминафинале со Португалија, Исланд или Германија

Кадетската ракометна репрезентација на Македонија ја чека последниот меч од групната фаза на Светското првенство (СП) кое се игра во нашата земја. Ривал ќе биде Јапонија, а по дуелот со азиската селекција ќе биде познат и противникот во нокаут-фазата.

Има многу математики, а три ривали чекаат на нашиот национален тим, во зависност како ќе заврши дуелот против „самураите“. Евентуална победа над Јапонија со четири или повеќе гола носи второ место и дуел со Исланд, а евентуално реми или пораз ќе донесе четврто место и дуел со Португалија.

Според многу комбинации и евентуална победа од три гола, можно е да се игра осминафинале со Германија. Се ќе биде познато по натпреварот во СЦ „Борис Трајковски“ кој стартува од 20:30 часот.

Досега Македонија славеше над Бахреин и Нигерија, а загуби од Аргентина и Данска. Влезот за сите љубители на ракометот во последното коло е слободен.