• Саше Љолес
Македонската кадетска репрезентација започна со пораз од Словенија (33-30) на Европското првенство кое се одржува во Белград. Нашите надежи прикажаа одлична игра на дуелот со силниот противник. Бевме максимално пожртвувани во првите 30 минути од натпреварот, но дозволивме голем пресврт на ривалот во вториот дел.
Првото полувреме беше скоро целосно во полза на Македонија, репрезентативците одиграа маестрално и создадоа предност од шест гола на паузата (12-18), но сликата целосно се промени во вториот дел.
Словенија заиигра многу помотивирано и постепено ја „топеше“ предноста, па така успеа да стигне до само гол негатива (21-22), но на спротивната страна погоди Костов за два гола предност.
Следуваше краток период на игра „гол за гол“, со што актерите на теренот влегоа во прилично неизвесна завршница. „Змајчеки“ израмнија на 23-23 во 45. минута, а потоа стигнаа и до првата предност на мечот (25-24). Во овој период делувавме малку распаднато, постигнавме само шест голa, додека Словенците максимално ја користеа оваа ситуација.
Последните десет минути започнаа со минимална предност на Словенија (27-26), но успеавме да израмниме во 55. минута на 28-28. Стефан Ѓорѓиевски ја погоди пречката во обид за враќање на водството, но Словенија потоа дојде до мини серија од два гола, а згора на тоа, ја зацврсти и одбраната во завршните две минути.
Најдобар поединец во победничкиот состав беше Јака Подвршич со осум погодоци, а во нашиот табор шест гола постигнаа Христијан Вујичевски и Трајче Костов.
Следен натпревар за нашата репрезентација ќе биде против селекцијата на Франција, кој ќе се одигра утре во 12:00 часот.