• Иван Димовски
Еурофарм Пелистер во лош ритам патува во Данска за натпреварот од второто коло во Лигата на шампионите против Алборг. По тешкиот пораз од Колштад во првата рунда, пелистерци го загубија и дербито со Вардар во првенството, па ќе мора да ги заборават овие резултати за да му парираат на данскиот гигант.
Во пресрет на натпреварот, на прес-конференцијата се обрати тренерот на битолчани, Александар Јовиќ. Тој призна дека против себе ќе имаат врвна екипа и ќе мора многу да се борат.
„Алборг е екипа која пред две сезони играше финале во Лигата на шампионите. Ова ни е втор натпревар каде што треба да играме против добро позната скандинавска школа. Мислам дека нè очекува тешка пресметка, ама ние ќе дадеме сè од себе за достојно да го репрезентираме Еурофарм Пелистер и достојно да се претставиме во Алборг.
Екипата на Алборг е засилена со мега-ѕвездите Хансен и Ландин. Доста се воиграни и навистина нè очекува тешка мисија. Ќе направиме сè за да го подобриме впечатокот од првото коло во Лигата на шампионите“, изјави Јовиќ.
Патувањето за Данска е закажано за во вторник наутро, па потоа пелистерци ќе имаат простор за аклиматизација во ладната Скандинавија.
Натпреварот меѓу Алборг и Еурофарм Пелистер се игра в среда во терминот од 20:45 часот.