Јотиќ: Заслуживме барем бод во овие две средби со ПИК Сегед

Македонскиот ракометен шампион Вардар забележа нов неуспех во Лигата на шампионите, откако го загуби и вториот дуел од соочувањето со унгарскиот вицешампион ПИК Сегед и остана на последната позиција на табелата во групата А.

На официјалната прес-конференција вардаровиот бек Ловро Јотиќ кажа дека пресудни биле грешките во вторите полувремиња со унгарскиот вицепрвак.

„Најпрво, честитки уште еднаш за ПИК Сегед за победата. Ги добија двата натпревари со нас, а ние заслуживме барем еден поен на овие средби. И на двете средби имавме две добри полувремиња, но во вторите полувремиња правевме грешки во нападите. Мора да продолжиме понатаму и се надевам дека ќе дојдеме до посакувани резултати во следните натпревари“, кажа Јотиќ.

Момците на Стевче Алушовски до крајот на групната фаза имаат уште шест меча, а следен противник ќе им биде норвешки Елверум.