Јотиќ: Вака не беше кога играв во Вардар и Пелистер, Охрид може да изненади

Ракометната Суперлига од година во година станува сè понеизвесна и поквалитетна. Од пред две сезони за шампионскиот трофеј се борат три екипи, а од следната во таа трка најверојатно ќе учествува уште еден клуб.

Суперлигашот Охрид покажува огромни амбиции за идната сезона. Веќе договорен е нов тренер и тимот ќе биде засилен со неколку квалитетни ракометари, а најдоброто од оваа сезона нема да си замине. Еден од ракометарите кои ќе бидат дел од Охрид и во следната сезона е Ловро Јотиќ, кој во интервју за „Balkan-Handball“ истакна дека квалитетот на Суперлигата е многу зголемен во однос на претходните сезони.  

„Морам искрено да кажам дека кога бев во Вардар пред четири години, а пред тоа во Еурофарм Рабoтник немаше ваква лига. Ниту блиску. Охрид беше конкурентен, но не толку колку што е сега. Беше многу полесно да се освои шампионатот, немаше толку тешки гостувања. Искрено, изненаден сум оваа сезона. На гостински терен не е исто, секогаш некаде сте изедначени, па мора да вложите сериозен напор за да победите. Многу работи се променија, лигата е многу поинтересна.

Тешко ми е да кажам кој е најдобар, можеби Пелистер отскокнува малку, но и Вардар и Алкалоид се добри. Секој ќе победи дома, а кој ќе земе бод на гости ќе ја освои титулата. Баш пред некој ден искоментирав дека имам чувство дека титулата ќе се решава во Охрид. Одигравме многу изедначено со сите од големата тројка. Против Вардар водевме во поголемиот дел од натпреварот, па загубивме во последните три минути. Бевме изедначени со Еурофарм Пелистер, но на крајот загубивме. Со Алкалоид добро бевме и на гости. Тука сме некаде. Сигурен сум дека во овој плеј-оф некои натпревари ќе се свртат во наша корист. Уверен сум во тоа. Целта е четврто место, но секако дека ќе се обидеме некому да му ги помрсеме сметките и да се вклучиме во борбата за титулата“, рече хрватскиот ас.

Тренер на Охрид од следната сезона ќе биде Борис Ројевиќ, а веќе договорени се Стрмљан, Иванковиќ, Вејин, Лиапис. Клубот нема да застане тука и е во преговори со уште неколку квалитетни ракометари.