Јотиќ: Нашиот проблем е во нападот, а и Коралес беше одличен

За разлика од последното меѓусебно СЕХА-финале во Брест и финалето на Лигата на шампионите на 1 јуни 2019 година во Келн, синоќа во Задар, Вардар ниту еднаш не водеше и не успеа да ја наметне својата игра против моќниот унгарски шампион Веспрем.

Средниот бек на „црвено-црните“ Ловро Јотиќ смета дека неговиот тим затаил во нападот.

„Не сум многу задоволен од прикажаното, па дури и од местото во идеалниот тим, бидејќи тоа е индивидуална награда. Игравме добро, додека се можеше. Веспрем има шеснесет играчи кои можат да играат било каде и на било која позиција. Одличен беше голманот Коралес, а и нашиот проблем е нападот. Имавме многу шанси кои не го искористивме“, рече Јотиќ.

Поранешниот ракометар на Еурофарм Пелистер е најсветлата точка во тимот на Вардар во првите два активни месеци и се покажува како најголемо засилување од сите новодојденци во тимот на Алушовски.

ФОТО: Sasa Pahic Szabo / kolektiff