Јотиќ и Дибиров меѓу најдобрите стрелци, Вардар со најефикасен напад во СЕХА

Јотиќ Дибиров

Со мечот меѓу Мотор Запорожје и Војводина се спушти завесата на групната фаза во новата сезона од СЕХА лигата.

Учесниците во регионалната лига сега ќе заминат на заслужен одмор до почетокот на февруари наредната година, кога ќе разигруваат за пласман во четвртфиналето.

Од македонските екипи, Вардар веќе е меѓу најдобрите осум, а таму ќе го чека Еурофарм Работник. Битолчани ќе мора да го добијат двомечот против Нексе Нашице за да закажат македонски дуел во нокаут фазата од натпреварувањето.

Пресекот по групната фаза носи двајца ракометари на македонските претставници на листата најдобри стрелци. На врвот неприкосновен е Микита Ваилапау од Мешков Брест со 83 гола, а потоа следува Ловро Јотиќ со 47, а зад него со еден погодок помалку е Тимур Дибиров.

Меѓу асистентите меѓу најдобрите десет е Јотиќ со 23 (просек 2,3 по натпревар) и има едно додавање повеќе од Сташ Скубе со 22, или во превод 3,67 по натпревар. 

Марин Вегар од Еурофарм е не врвот меѓу играчите со најмногу украдени топки (5), а исто така и има добиено најмногу жолти картони (6). Калифа Гедбан е четврти меѓу најуспешните голмани, а Градимир Чаневски од редовите на „фармацевтите“ има највисок процент одбранети удари од девет метри. 

Вардар е најефикасниот тим со 319 погодоци, меѓутоа важи за една од екипите со најслава одбрана во регионалната лига.