Јоновски со Бергишер поразен од Кил

кил

Во последниот натпревар за оваа година во германската ракометна Бундеслига, Бергишер на Ацо Јоновски загуби на домашен терен од Кил со 31-28 (15-10). По овој натпревар Ацо Јоноски заедно со останатите наши играчи во германскиот шампионат, Филип Миркуловски и Борко Ристoвски ќе се приклучат на нашата репрезентација, која се подготвува за настап во Полска.

На почетокот на натпреварот се играше со цврста одбрана и малку погодоци, па во 10. минута резултатот беше 3-2 за ракометарите на Кил. Во продолжение и двете екипи заиграа поефикасно и го поправија впечатокот на натпреварот. Во 25. минута со голот на шведскиот ракометар Екберг, Кил се одлепи на +6 (14-8). На одмор се отиде со резултат 15-10 за гостинските ракометари.

Почетокот на второто полувреме го одбележа тешката повреда на коленото на Данецот, Рене Тофт Хансен, за кој дополнителните прегледи ќе покажат дали ќе го пропушти и Европското првенство во Полска.

Во продолжение ракометарите на Кил го диктираа темпото, па со голот на Хрватот Дувњак во 43. минута имаа високи +7 (25-18). И кога сите помислија дека натпреварот е решен тимот на Аце Јоноски направи серија од 5-0 и во 48. минута на семафорот стоеше 25-23. Тогаш на сцена стапи гостинскиот голман Ландин, кој не дозволи изненадување за конечен триумф од 31-28. Нашиот Ацо Јоновски играше само во одбраната и притоа заработи две исклучувања од по две минути. Најефикасен кај победничката екипа беше Никлас Екберг со 7 погодоци, пред Домагој Дувњак кој постигна 6 гола. Кај домашнмиот тим Унгарецот Силајџи и Исланѓанецот Гунарсон постигнаа по 7 гола.

Со денешната победа Кил се искачи на втората позиција со само два бода помалку од Рајн Некар Ловен на Борко Ристовски. Екипата на Јоновски остана претпоследна со само седум освоени бода и му претстои тешка битка за опстанок во пролетниот дел. Наредните натпревари во германскиот шампионат продолжуваат на почетокот на месец март, наредната година.