Јиха: Убаво е да се игра во Скопје, одушевен сум од вториот дел

Филип Јиха повторно со крената глава си оди од Скопје. Легендарниот ракометар, а сегашен стратег, со Кил успеа да слави над Вардар 1961 (26-29) во СЦ „Јане Сандански“. Триумфот добива на тежина, затоа што Јиха на располагање немаше тројца важни првотимци и членови на првата седумка.

„Убаво се да се игра во ваква атмосфера. Одушевен сум од второто полувреме. Не почнавме добро затоа што промашивме многу лесни шутеви, бевме емотивно паднати, но дефинитивно тимот не играше онака како што очекував. Не ме интересира што немавме тројца играчи со нас, сакав добра игра. Тоа го добив во второто полувреме и освоивме посакувани два бода. Благодарност до сите за приемот, а на Вардар му посакувам многу среќа“, изјави Јиха по натпреварот.

Во името на Кил говореше играчот Магнус Ландин Јакобсен Магнус.

„Секогаш е привилегија да се игра во Скопје, одлично искуство за сите ракометари кога играат во ваква сала и не секој може да победи. Видов две различни полувремиња од наш аспект. Како што кажа тренерот, имавме многу шанси во првиот дел кои не ги искористивме. Игравме добро во напад, но промашувавме. Во вториот дел игравме со повеќе енергија и со страст“, изјави ракометарот на Кил.

Кил со овој триумф скокна на врвот во Лигата на шампионите. За тимот сега следи предизвик во Бундеслигата каде мора да се победи, а потоа, доаѓа домашен натпревар против Алборг на кој „зебрите“ важат за благи фаворити.