• Горан Упале
Ракометарките на Црна Гора го добија балканското дерби на Европското првенство против Србија и во својот прв настап во групата Б извојуваа убедлива победа од 24-18 (11-8).
Србинките важеа за аутсајдерки на оваа средба и против фаворизираниот противник издржаа само половина полувреме, по кое Црна Гора презеде сè во свои раце и на крај рутински извојува триумф од 24-18. Во рамките од оваа група Романија во драматичен натпревар славеше над Чешка. За Црна Гора свој блесок имаше Јауковиќ со единаесет погодоци, а Јововиќ со седум гола беше најдобра за Србија.
Очекувана победа запиша и актуелниот европски вицешампион Данска. Во групата Д, скандинавската селекција без многу проблеми ја среди Хрватска со 34-26 и победнички го започна новиот атак кон златниот медал.
Молер со седум и Хансен со пет гола беа најпрецизни во таборот на Данска, а на спротивната страна најпрецизна беше Павловиќ со шест погодоци.
Во последниот натпревар од вечерашната програма на Европското првенство, селекцијата на Германија ја оправда фаворитската улога против Украина и во Инсбрук славеше со високи 30-17. За германската селекција се истакна Гријселс со шест гола, а кај поразениот тим прв стрелец беше Хорилска со четири гола.