• Мартин Танасковски
Екипата на Вардар 1961 може да здивне, затоа што најдобриот играч за оваа сезона, јапонскиот среден бек Косуке Јасихура, му кажа „да“ на клубот и ќе го носи „црвено-црниот“ дрес до крајот на сезоната.
Јасихура со добрите игри го привлече вниманието кон себе на повеќе клубови од Европа кои се распрашуваа кај Висла за да го добијат „самурајот“ во своите редови. Јапонецот е на позајмица во Вардар, постоеше ризик да си замине, меѓутоа до такво нешто нема да дојде.
Јапонија имаше одлични настапи на Олимписките квалификации каде 23-годишниот Јасихура беше еден од главните играчи во борбата за „виза“ на Летните Олимписки Игри во 2024 година. По враќањето во Скопје, средниот бек и раководството на Вардар се договориле дека тој нема да си заминува од најтрофејниот македонски ракометен тим.
Косуке Јасихура е „мозокот“ во организацијата на играта на тимот на Владо Недановски и неговото останување во Вардар до крајот на сезоната ќе значи многу во борбата за враќање на тронот во мак-ракометот на кој во моментов е Еурофарм Пелистер.
Вардар во моментов е лидер во групата и ќе пренесе најмногу бодови во плеј-офот. Во втората суперлигашка група, лидер е Алкалоид, со максимален учинок.
ФОТО: РК Вардар 1961 / Денис Дуковски