Јапонија ја стигна заморот, Шведска покажа сила со „самураите“

Ракометната репрезентација на Шведска ја потврди фаворитската улога и со убедлива победа над Јапонија (40-27) го завери третото место во групата пред четвртфиналето на Летните Олимписки Игри (ЛОИ) во Париз.

Јапонците одиграа доста тешки дуели со Шпанија, Словенија и Хрватска на овие ЛОИ на кои парираа на ривалите до крајот. Меѓутоа, евидентно беше дека тимот го стигна заморот од напорниот ритам, па против Шведска, азиската селекција не беше ниту близу на нивото од претходно.

Уште по првото полувреме, по кое резултатот беше 16-9 за „трите круни“, беше јасно дека Јапонија нема што да бара на оваа средба. Скандинавската селекција во ниту еден наврат не му даде шанса на ривалот дека може да се надева на први бодови на овие ЛОИ, па Јапонија со пет порази во групата го заврши настапот.

Најдобар стрелец кај победникот беше Карлсон со шест гола, а Готфридсон кој е повратник во тимот имаше пет гола, додека кај Јапонија, Сугиока заврши со девет гола, додека Јошида уфрли пет гола.

За првото место во Групата А директна битка ќе водат Германија и Словенија, додека за последното, четврто место, кое води во четвртфиналето, директен дуел играат Шпанија и Хрватска.

ФОТО/Photo: IHF