Јанкуловски побрз од сирената, драмата во Неготино со среќен крај за Струга

Екипата на Струга ја доби драмата во Неготино и со погодок пред звукот на сирената ја забележа првата победа во разигрувањето за опстанок во ракометната Суперлига на Македонија. По четирите порази на стартот од плеј-аутот, стружани под водство на старо-новиот стратег Танески го шокираа Вардар Неготино (25-26) и извојуваа важна победа во битката за останување во елитата.

  • Комплетниот натпревар меѓу Вардар Неготино и Струга:

Средбата во Неготино понуди голема борбеност и неизвесност до самиот крај. Домашниот тим имаше нешто подобар старт и предност од два гола, но Струга брзо се созеде и со одличен финиш на пауза замина со позитива од еден гол (12-13). 

Во вториот дел битката се разгори, а завршницата донесе вистинска драма. Адамовиќ со два гола во 59. минута донесе израмнување за својот тим, но Јанкуловски беше побрз од сирената и од тешка позиција од десно крило погоди за огромна радост на гостите (25-26).

Најдобар стрелец кај Струга беше Бугариновиќ со девет гола, пет запиша Цветаноски, додека по четири постигнаа Костоски и Маркоски. За домашниот тим Адамовиќ заврши со десет погодоци, а Кузманов застана на седум.