Јанковски: Вардар – Пелистер е прав „пекол“ ист како Светата војна!

Виктор Јанковски, полскиот ракометар кој оваа сезона настапува за Вардар, во отворено интервју, за полските медиуми зборуваше за големото дерби со Еурофарм Пелистер, за атмосферата во салата, амбициите на клубот и своите први впечатоци од животот во Македонија.

За старт, 23-годишниот пивот раскажа за дербито со Еурофарм Пелистер во Скопје во кое Вардар победи и го зададе првиот удар кон лутиот ривал.

„Победата ја гледаме само како прв чекор кон целта што си ја поставивме. Секако дека сме среќни, бидејќи победата над Пелистер секогаш има посебна тежина, но свесни сме дека тоа е само почеток на еден долг пат.“, кажа Јанковски.

Потоа, тој продолжи со фактот дека Европа со внимание ги следи дуелите меѓу Вардар и Пелистер, главно поради страствената атмосфера на трибините. Како изгледа тоа од перспектива на играч?

„Искрено, ваква атмосфера дотогаш немав доживеано. Салата беше преполна, навивањето беше неверојатно. Во еден момент, натпреварот дури беше прекинат околу десет минути, бидејќи еден од навивачите на Пелистер запали факел и го фрли кон секторот на нашите фанови. Тоа, нормално, предизвика реакција, па мораше да интервенира полицијата за да спречи инцидент. На теренот летаа запалки и уште неколку предмети, но за среќа никој не беше повреден. Може слободно да се каже дека – да, дербито е вистински „пекол“. Исто како што познатата „света војна“ меѓу Киелце и Висла е во Полска“, додаде тој.

Победата против Еурофарм Пелистер е најава за голема битка за титулата која во последните години замина во Битола. Какво е расположението во клубот?

„Во Вардар секогаш постојат големи амбиции. Ова лето имаше доста промени во тимот, пристигнаа многу нови играчи и сите сме тука со јасна цел, да го вратиме шампионскиот трофеј во Скопје. Атмосферата во соблекувалната е одлична, сите веруваме дека можеме да ја оствариме таа цел.“, истакна Полјакот.

Следно, Јанковски го оцени квалитетот на македонската лига по првиот месец, особено во споредба со полската Суперлига.

„Во Македонија, покрај Вардар и Пелистер, има уште неколку екипи кои се засилија и се на солидно ниво. На пример, неодамнешното реми меѓу Пелистер и Алкалоид е доказ дека конкуренцијата расте. Сепак, полската лига е поурамнотежена, таму речиси секој може да победи секого, освен можеби двата најсилни клуба.“, изјави играчот.

Играчот има само 24 години и смета дека Вардар е вистинското место за понатамошен развој на кариерата.

„Апсолутно. Пресреќен сум што дојдов овде. Комбинацијата на натпреварите во домашното првенство и во Европската лига е одлична можност за напредок. Верувам дека токму овде ќе направам голем чекор напред како играч.“, додаде играчот на Вардар.

Јанковски откри и како се снаоѓа во Македонија и дали брзо се навикна на новата средина.

„Искрено, сè е во ред. Единственото што ме изненади беше жештината. Првата недела по доаѓањето температурата беше околу 40 степени секој ден. Луѓето се многу позитивни и отворени, а во клубот сите зборуваат англиски, па нема проблем со комуникацијата. Во градот е малку потешко, но веќе започнав часови по македонски и верувам дека наскоро ќе биде подобро.“, заврши новиот член на црвено-црните.

За Јанковски, Вардар е прва интернационална станица, по настапите во Полска, каде од 2018 до 2025 ги носеше дресовите на Квиджин и Висла Плок.