• Мартин Танасковски
Женската ракометна репрезентација на Македонија го заврши младинското Светско првенство (СП) во Скопје со пораз. Нашиот национален тим во разигрувањето по поразот од Јужна Кореја загуби и од Кина (23-25) и така заврши на 16-тата позиција на планетарниот собир.
По последниот натпревар за нас на СП У20, селекторот Дарко Јанев ги изнесе импресиите и кажа дека тимот доста паднал по крајот на втората фаза и не доиграл до крај како што требало и се посакувало.
„Сакавме со победа да го завршиме првенството, но за жал тоа не ни појде од рака. Имавме денеска и дополнителни пехови, ни се повредија уште две ракометарки. Сепак, одбраната денеска не беше лоша особено во првиот дел, но во нападот, во второто полувреме ја загубивме енергијата, концентрацијата, не можевме да го исполниме тоа што го сакавме и направивме грешки што тие ги казнија со лесни голови. Не сакам да се повторувам, мораше да се издржи напорот и физички и психолошки да одиграме до крај. Ние паднавме по ремито со Португалија и поразот од Црна Гора, не одигравме до крај како што требаше и посакувавме“, изјави селекторот Дарко Јанев по мечот со Кина.
Македонија У20 ја мина првата фаза со победи над САД и Ангола, а загуби од Исланд. На стартот на втората фаза, ремизиравме со Португалија, а потоа следеа порази од Црна Гора, Јужна Кореја и Кина.