„Јане Сандански“ ќе згрми, Вардар го пречекува Мешков Брест во ЛШ

По двете одиграни кола во домашниот шампионат, екипата на Вардар е пред нов тест во Лигата на шампионите. Несудениот противник во полуфиналето од СЕХА лигата, Мешков Брест ќе гостува во Скопје, односно во салата „Јане Сандански“, која по подолго време повторно ќе биде исполнета со најверните фанови на „црвено-црните“.

Квалитетите на белорускиот шампион не се спорни, шпанскиот стратег Гордо на располагање има широк и квалитетен ростер, но за Скопје отпатува ослабен, бидејќи нема да може да смета на неколку клучни играчи. Во Брест останаа голманот Пешиќ, Јака Малус, Павел Пачковски, Артем Селвасјук и Егор Будејка. 

Свои проблеми има и новиот стратег на вардарци, Веселин Вујовиќ. Поради ситни повреди надвор од стројот на црногорскиот стратег се Анте Кудуз и Јан Чувара, но во тимот се враќа искусниот голман Борко Ристовски.

За разлика од македонскиот шампион, кој одигра храбро реми во Норвешка и го освои првиот бод во групата А, Мешков Брест загуби од Кил во воведното коло, па затоа со дополнителна мотивации за прв триумф ќе го започне вечерашниот меч во Скопје.

Инаку, двете екипи пред три седмици требаше да се сретнат во полуфиналето од СЕХА лигата, но, откако Вардар не доби „зелено светло“ да отпатува за Задар, неговото место го зазеде ППД Загреб и изненадувачки го совлада Мешков.