Јакобсен: Полудевме од досада, вака повеќе не може!

Николај Јакобсен, селекторот на данската ракометна селекција, истакна дека едвај го дочека крајот на Европското првенство во Унгарија и Словачка.

Данска ја победи Франција со 35-32 во драматичен натпревар за бронзениот медал. Во репризата на олимпиското финале, Данците стигнаа до уште еден медал на големите натпреварувања, последен кој што му недостигаше на селекторот Јакобсен. Во последните три години тој ја предводеше Данска до две светски златни и еден олимписки сребрен медал.

„Освоивме три медали за една година. Секако, најдраго ми е златото од Египет, а среброто од Токио ми е подраго од оваа бронза, што исто така ми значи многу. Видете, оваа година бевме заедно четири месеци во неверојатно тешки услови. Овој турнир беше врв, бевме целосно ограничени. Не смеевме да се движиме од хотелските соби, полудевме во хотелот. 

Овој месец беше најдолгиот во мојот живот. Сами моравме да се грижиме за сè, дури и за работите кои не треба да бидат наша обврска. Кога немавме натпревари и тренинзи, на сите ни беше толку досадно во собите, не ни дозволуваа да правиме ништо. Вака повеќе не може“, рече легендарниот стратег.

Данска на Европскиот шампионат беше елиминирана од Шпанија, во драматично полуфинале, а претходно го загуби дуелот за прво место од Франција.