Јахја: Високата предност не значи дека нема да имаме почит за Вардар...

Ракометарите на Вардар 1961 се на чекор од елиминација од овогодишното издание на Лигата на шампионите. По поразот на домашен терен, никој не очекува чудо на гостувањето кај Веспрем.

Унгарскиот гигант е голем фаворит да се пласира во четвртфиналната фаза. Омар Јахја верува во успех и се надева на ист пристап како на првата средба.

„Направивме одлична работа на првиот натпревар. Влеговме на тој дуел со голема самодоверба. Тоа не значи дека не треба да имаме енергија и да не го почитуваме Вардар на второто соочување. Се надевам дека ќе покажеме ист фокус како на дуелот во Скопје. Со тоа ќе покажеме дека сме подготвени за следната рунда“, изјави египетскиот ракометар.

Веспрем доминира во последните неколку меѓусебни дуели со вардарци. Моќ покажа и при последното гостување пред една недела, кога до врв ја наполни домашната мрежа.

Натпреварот Веспрем - Вардар 1961 се игра в четврток во 18:45 часот.