Јахја: Покажавме голем респект кон Вардар и во реваншот! 

Двократниот европски шампион Вардар со нов пораз од Веспрем ги заврши своите настапи во Лигата на шампионите оваа сезона. „Црвено-црните“ беа немоќни и на реванш средбата кај унгарскиот шампион, а младиот десен бек Омар Јахја вели дека и покрај убедливата победа во првиот дуел, Веспрем покажа голема почит кон Вардар и во реваншот.

„Среќни сме што обезбедивме следна фаза, што беше наша цел. Задоволни сме од она што го покажавме на овој натпревар. Му посакувам среќа на Вардар во иднина. Без разлика што имавме висока позитива од првиот натпревар, имавме голема почит кон Вардар на реваншот. Сакавме да победиме, а таа цел ја постигнавме со добар пристап кон натпреварот и соодветна организација во играта. Нашата цел е јасна, ние сакаме да бидеме најдобри колку што можеме“, рече младиот репрезентативец на Египет.

По елиминацијата од ЛШ, на Вардар му преостанува да се бори уште за три трофеи. Два на домашно тло (Суперлигата и Купот) и СЕХА лигата.