Ја освои титулата, го доби МВП признанието и замина во пензија како вистинска легенда!

Норвешката ракометарка од редовите на Ѓер, Стине Офтедал, официјално ја завршува својата пребогата кариера и заминува во спортска пензија веднаш по освојувањето на европската титула со унгарскиот тим. 

Успехот е уште поголем затоа што Офтедал воедно се закити и со МВП-признанието на завршниот турнир, со што стави круна на успешната сезона со Ѓер. За неа ова е прва ваква награда во Лигата на шампионите, која ја добива буквално по последниот натпревар од нејзината кариера. 

„Ќе морам да направам уште малку место во моите витрини. Досега освојував многу трофеи, но овие два ми се веројатно најдраги во кариерата“, изјави Норвежанката. 

Стине Офтедал пристигна во Ѓер пред осум години и оттогаш освои четири титули во домашниот шампионат, три во Купот на Унгарија, три трофеи во Лигата на шампионите, а вкупно четири пати беше прогласена за дел од „ол-стар“ тимот како најдобар среден бек. 

За потсетување, екипата на Ѓер во големото финале славеше со 30-24 над германскиот Битигхајм и се закити со шестата титула во елитното натпреварување на ЕХФ. 

ФОТО: Kolektiff