• Саше Љолес
Женската ракометна репрезентација на Македонија ги дозна своите противници за групната фаза од Европското првенство, кое годинава ќе се одржи во Полска, Романија, Чешка, Словачка и Турција.
Ждрепката одржана во Катовице ги смести нашите девојки во групата Б, каде ќе ги одмерат силите со репрезентациите на Норвешка, Романија и Швајцарија. Нашата селекција ја очекуваше ждрепката од четвртиот шешир. Натпреварите од групната фаза ќе ги одиграме во романскиот град, Клуж.
Сите групи за Европското првенство 2026 година:
Група А: Унгарија, Црна Гора, Словенија, Исланд
Група Б: Норвешка, Романија, Швајцарија, МАКЕДОНИЈА
Група Ц: Данска, Шпанија, Турција, Грција
Група Д: Холандија, Чешка, Австрија, Хрватска
Група Е: Франција, Полска, Фарски Острови, Украина
Група Ф: Шведска, Германија, Словачка, Србија
Македонија со една победа и пет порази успеа да се „протне“ меѓу четири од шесте најдобро рангирани третопласирани екипи. Пред девојките на Кристијан Грчевски е настап на уште еден континентален шампионат, кој ќе трае од трети до 20 декември годинава.
