• Горан Упале
Ракометарите на ГОГ Гудме приредија големо изненадување во групата на Еурофарм Пелистер во Лигата на шампионите. Данскиот претставник во ракометната елита ја запиша најголемата победа до сега во група Б, затоа што среде Париз славеше над ПСЖ со 34-36.
Парижани беа шокирани во првото полувреме затоа што гостинот постигна 20 гола и се избори за предност од +7. Во вториот дел ПСЖ се консолидира и возврати со 21 погодок, но ГОГ не дозволи пресврт и впиша огромни бодови на своето конто.
Во истата група вечерва се одигра уште еден натпревар, на кој Барселона покажа моќ во Плоцк и го декласира тимот на Висла со убедливи десет гола разлика (24-34). Натпреварот одлично го водеа македонските судии Митревски и Тодоровски.
По шест одиграни кола лидер е Магдебург со максимални 12 бода, втора е Барса со 10, додека Еурофарм Пелистер е претпоследен со два бода. Без бодови во оваа група е хрватскиот првак Загреб.








