Измешаниот Вардар преку Стеауа победнички ја затвори СЕХА сезоната за 2018 година

Вардар Стеауа

Последниот натпревар во СЕХА лигата за Вардар донесе лесна победа на гостувањето во Букурешт кај Стеауа (30-34). Шампионот остана на врвот на табелата по 13 одиграни кола и запиша нови рутински бодови, и покрај тоа што настапи со измешан состав.

„Црвено-црните“ тргнаа фуриозно во нападот и со осум гола во првите десет минути најавија дека нема да остават ништо на случајноста. Тие беа фаворити пред почетокот на мечот, а тоа го покажаа со играта на самиот почеток. Романците скоро и да не сопреа ниту еден напад на вардарци и им дозволија да наметнат свое темпо. Тоа е голема грешка кога се работи за екипа како Вардар, која знае како да ја задржи стекнатата предност.

Двоцифреното водство беше најава на дебакл на домашната екипа, која целосно разочара со изданието во првиот дел. Сепак, заслуга за тоа имаат и вардаровите ракометари, кои беа на потребното ниво на двете страни и заминаа на пауза со резутат 10-21.

Ваквиот развој донесе поопуштено второ полувреме за македонската екипа, која играше колку да ја задржи предноста и да ги освои бодовите. Иницијативата се префрли на страна на домашните ракометари, кои се обидоа да го направат мечот интересен и ја преполовија разликата на десет минути до крајот.

И покрај послабиот втор дел, вардарци стигнаа до победа од 30-34 и се одлепија на чело на СЕХА-табелата. Поповски со десет и Киселев со девет гола беа најдобри стрелци во редовите на Вардар, а Милошевиќ постигна пет погодоци за романската екипа.

Возбудувањата од регионалната лига ќе продолжат на стартот од февруари наредната година, кога ќе заврши заслужената зимска пауза.