Ивиќ: Со Раул добивме „ветер во грб“, мислам дека сме на добар пат да покажеме колку можеме!

Филип Ивиќ заедно со Никола Митревски го сочинуваат голманскиот тандем на Еурофарм Пелистер оваа сезона. Хрватскиот чувар на мрежата кога ќе добие шанса е достојна замена за македонскиот капитен, а така се очекува да биде и на утрешниот натпревар на пелистерци против Висла во Лигата на шампионите.

Ивиќ смета дека токму овој натпревар е најважниот за нив во оваа полусезона, бидејќи со победа ќе си го отворат патот кон осминафиналето.

„За нас следи најважниот натпревар во полусезоната. Со победа си отвораме пат за место во елиминационата фаза и мораме да дадеме максимум и носени од нашата публика ќе се обидеме да победиме. Висла е врвна екипа, вложува многу во структурата на клубот и полскиот ракомет. Кога играв за Киелце, тогаш победувавме и во првенството и во Купот, а сега нешто се промени. Иако Киелце е мој клуб во Полска, драго ми е за развојот на Висла заради хрватските ракометари и мои пријатели, Михиќ, Алиловиќ и останатите.

Нашата екипа е спремна, со новиот тренер добивме нов „ветер во грб“ и мислам дека сме на добар пат да покажеме колку можеме. Висла е врвен ривал, но за нас најважно е да го оставиме срцето на терен. Четирите бода многу ни значат, но мислам дека можевме да имаме и некој бод повеќе. Сепак, можевме и да имаме некој бод помалку. За разлика од минатата сезона и долгото отсуство од Лигата на шампионите веќе направивме исчекор. Ова е само почеток, овој клуб и овој град заслужуваат многу повеќе. Јас лично и целиот клуб работиме напорно на прогресот, да освојуваме бодови и да се надградуваме. На почетокот тоа изгледаше како само да учествуваме во Лигата на шампионите, но тоа нам како спортисти воопшто не ни се допадна. Имаме четири бода, ни следат уште неколку натпревари и ќе се обидеме да собереме уште повеќе бодови. Победата во Данска ни даде голем „ветар“ за понатаму“, рече Ивиќ.

По девет одиграни кола двете екипи имаат по четири бода, а во нивното прво соочување оваа сезона Висла славеше во Плок со 26-18.