Ивановски: Повикот во репрезентацијата делува мотивирачки за мене

Охриѓанецот Мартин Ивановски се најде на поширокиот список на новиот селектор Кирил Лазаров, за претстојните квалификациите мечеви на Македонија против Данска. Ивановски е втор ракометар со повик за сениорската репрезентацијата, по Иван Тасески, кој беше повикан во 2016 година од Лино Червар.

„Националниот дрес претставува едно од најголемите достигнувања за секој спортист. Сите спортисти мечтаат еден ден да заиграат за својата земја. Чест и задоволство ми е што се најдов на поширокиот список во репрезентацијата на новиот селектор. Досега сум бил дел од кадетската и младинската селекција, но за мене ова е прв повик во сениорскиот колектив и чувството е одлично. Сето ова ќе делува мотивирачки за мене, да продолжам со напорна работа и да го поминам финалниот рез во селекцијата“, изјави Ивановски.

Подготовките на неговиот матичен клуб Охрид финишираа, а официјалните натпревари на Ивановски и соиграчите во пролетнатата полусезона ќе ги отворат со Куп дуелот против Делчево в четврток попладне.