Иваноски: Знаеме дека Вардар е подобар тим од нас, но ќе му „покажеме заби“

Охрид победи на последниот меч од Суперлигата на гостувањето кај големиот ривал Струга. Тимот на Раде Стојановиќ во финишот го „скрши“ противникот и запиша голема победа.

Следен предизвик за „рибарите“ ќе биде актуелниот првак Вардар. Мартин Иваноски, средниот бек на охриѓани, најавува борба против големиот фаворит.

„Со екипите на Тиквеш и Струга стигнавме до победи и со тоа запишавме супер старт на сезоната. Сега нè очекува судир со двократниот европски шампион Вардар и се надеваме на добра игра.

Ќе му „покажеме заби“ и ќе дадеме максимум да се претставиме во најдобро светло. Без оглед на тоа што тие се подобра екипа од нас, ќе одиме на победа и се надеваме барем на бод“, вели младиот ракометар.

Натпреварот меѓу Охрид и Вардар 1961 се игра в недела со почеток од 18:00 часот.