Иван Марковски: Ние самите, добрата игра ја претворивме во трилер-завршница

Македонската ракометна репрезентација во својот петти натпревар на европското ракометно првенство не успеа да ги освои првите бодови во втората фаза против фаворитот Норвешка. Одигравме нерешено и ја испуштивме шансата за победа. Ако пред мечот Норвежаните, со играта што ја прикажаа против домаќинот Полска важеа за апсолутни фаворити, текот на натпреварот го покажа спротивното. Ја наметнавме нашата игра, цврстата одбрана и сигурен напад, па тотално ја неутрализиравме бековската линија и го имавме Борко на голот.

Лазаров беше предводникот на нашиот тим, а останатите само се надополнувааа во добрата игра. Иако Кузмановски по повредата пред време го заврши мечот, Филип Лазаров покажа дека треба да добие поголема минутажа и беше стопостотен во реализацијата. Откако помисливме дека предноста во првото полувреме од четири разлика ќе биде доволна за мирна завршница, се повторија истите грешки од претходните натпревари и како по некое сценарио го вративме противникот во игра. Ние самите добрата игра ја претворивме во трилер-завршница, што не чинеше значајни бода.

Норвешка ја чекаше својата шанса и мислејќи дека нема да го издржиме високото темпо на игра, се врати во резултатска рамнотежа, умешно го искористи играчот повеќе и беше сигурна во реализацијата. Ние во таа фаза игравме во грч и со многу технички грешки. Им дадовме шанса да ги освојат трите бода, кои веројатно ќе им значеа и пласман во полуфиналето, но сепак на крајот бодот, иако ни на една од двете репрезентации не им значеше многу, беше најреалниот исход од мечот. 

Последниот напад за победа не го искористивме најдобро и добрата игра и предноста од пет гола разлика не беше доволна за толку посакуваната победа, која ќе значеше и предност во пласманот на нашата репрезентација за борба од 9 до 12 место на европскиот шампионат.