Иван Марковски: Грешките на крајот од првиот дел скапо ги плативме подоцна

Во последниот натпревар од второто коло на Европското првенство во ракомет во Полска, македонската репрезентација и домаќинот Полска го одиграа еден од највозбудливите и најинтересен натпревари во досегашниот тек на турнирот. Го запишавме и вториот по ред пораз во групата и шансата за пласман во вториот круг ќе ја бараме против селекцијата на Србија која денес убедливо загуби од Франција (36 -26).

Уште на самиот почеток ја наметнавме играта која и ни го донесе водството од 6-2 , квалитетна 6-0 одбрана и маестрален Борко Ристовски. Ја имавме контролата на резултатот во текот на целото прво полувреме и предност од три голови разлика. Миркуловски беше движечката сила на нашиот тим и играчот за кој полските ракометари немаа решение, а притоа имајќи ја целата концентрација врз Кирил Лазаров како најголема опасност по нивниот гол. Доколку не беа брзоплетите грешки во самиот финиш на полувремето, можевме да заминеме на одмор и со поголема разлика.

Второто полувреме го започнавме во иста одбранбена формација, но тие шест минути како да беа и пресудните за крајниот резултат. Полска се врати во резултатска рамнотежа дури и поведе со гол предност и го започна походот по трите бода. Во тој период направивме неколку технички грешки и не ја искористивме предноста со играч повеќе, што на вакви големи натпреварувања противникот знае да ја казни. Домаќинот тоа знаеше да го материјализира, голманот Шмал уште еднаш покажа зошто е еден од најдобрите на светот на таа позиција и во најбитните моменти ги одбрани двата седмерци на Лазаров, кои беа пресудни за крајниот резултат.

И кога во последните моменти од натпреварот сите во преполната сала во Краков мислеа дека Полска е победникот на овој натпревар, нашите ракометари ја вратија резултатската неизвеснот и влеговме во инфаркт завршница. Последен напад за реми и бод кој ќе беше повеќе од заслужен, но сепак многуте технички грешки, промашени зицери, пенали беа премногу за поволен резултат за нашиот национален тим.

Србија ќе биде последната пречка кон патот на посакуваниот успех. Првите два натпревари ни дадоа надеж и верба дека сепак ние ќе бидиме патниците за следната рунда, но треба да бидеме претпазливи, бидејќи тоа ќе биде меч топка и за двете репрезентации, каде право на грешка и поправен нема да има. Само поподготвениот и оној кој ќе ги сведи на минимум грешките во текот на целиот наптпревар ќе биде и третиот патник во следната фаза од Европското првенство.