Историското финале за Кирил Лазаров - пет години од првата и единствена титула во ЛШ!

Кирил Лазаров шампион

Пред пет години колекцијата трофеи на Кирил Лазаров беше збогатена со оној најпрестижниот. Барселона победи во Лигата на шампионите, а македонската легенда првпат во кариерата се искачи на врвот на Европа.

Во финалната пресметка, каталонскиот тим беше подобар од унгарски Веспрем со 28-23, a нашиот репрезентативен капитен го заврши финалниот дуел предвремено, со повреда уште во седмата минута. И без својот најдобар стрелец, избраниците на Чави Пасквал лесно се справија со унгарскиот гигант и ја подигнаа осмата титула во елитното натпеварување.

Карабатиќ и Сигурдсон беа први стрелци за Барса, постигнувајќи по шест гола. Тие беа лидери на нападот на Каталонците, со кој никако не можеше да се справи противничката екипа во финалето.

Лазаров заврши на втората позиција меѓу најдобрите стрелци таа сезона со 106 погодоци. Пред него беше само Момир Илиќ кој реализира 114 гола. Очекувано, нашиот репрезентативец доби место во најдобриот тим, заедно со Роланд Миклер, Виктор Томас, Микел Хансен, Никола Карабатиќ, Уве Генсхајмер и Ренато Сулиќ