Историски трансфер во ракометот: Браќата Коста се селат во Германија за ДВА милиони евра?

Германскиот ракометен гигант, Флензбург, наводно го договорил ангажманот на португалските бисери Франциско и Мартим Коста, кои од летото 2027 година треба да станат нови членови на бундеслигашот.

Според португалскиот весник „А Бола“ и новинарот Адерито Естевеш, двајцата репрезентативци веќе потпишале договори со Флензбург, а трансферите ќе изнесуваат околу два милиони евра. Доколку оваа сума биде потврдена, станува збор за еден од најголемите, а според дел од медиумите и историски трансфер во светот на ракометот.

Висината на обештетувањето е резултат и на неодамнешното продолжување на договорите на Франциско и Мартим Коста со нивниот актуелен клуб, Спортинг Лисабон, до 2030 година, што значително ја зголемило нивната пазарна вредност.

Во пакетот со браќата Коста, Флензбург сакал да го ангажира и нивниот татко Рикардо Коста, кој добил понуда да стане нов шеф на стручниот штаб на германскиот тим. Сепак, според истите извори, искусниот стратег ја одбил понудата.