Историјата се повторува: Бабиќ како Алушовски – за Еурофарм Пелистер ќе дебитира против Нексе

Екипата на Еурофарм Пелистер на четвртата позиција на табелата (четири победи и шест порази) го заврши премиерниот настап од групната фаза на СЕХА лигата. Овој скор на битолчани им донесе осминафинален двомеч со петтиот тим од групата А, а тоа место му припадна на Нексе Нашице. Првиот натпревар меѓу македонскиот и хрватскиот вицешампион е закажан за утре, а историјата се повторува во редовите на Еурофарм Пелистер. 

Односно, овој дуел ќе биде од големо значење за новиот стратег Жељко Бабиќ, затоа што ќе му биде деби на официјален натпревар за битолчани. Интересно е тоа што пред скоро една година, овие две екипи го одиграа својот прв меѓусебен натпревар, тогаш во рамки од ЕХФ Купот, а истиот беше и деби на тогашниот стратег Стевче Алушовски. 

По поразите од Хановер и Татабања во првите две гола од ЕХФ Купот, Ѓорѓе Чирковиќ се реши да се раздели од битолскиот клуб, а тогаш раководството му ја додели довербата на македонската ракометна легенда. 

Алушовски дебитираше со пораз во Нашице, но веднаш потоа, пред домашната публика му се реваншира на хрватскиот противник и тимот ја запиша првата историска победа во второто по ранг натпреварување на ЕХФ. 

Еурофарм Пелистер успеа да го симне Металург од втората позиција на табелата во Суперлигата и обезбеди учество во Лигата на шампионите и СЕХА лигата, кое беше кобно за Алушовски. Заради променливите резултати на тимот, пред крајот на есенската полусезона, Алушовски ја заврши својата авантура во битолскиот клуб, но по само еден месец пауза се реши да ја прифати понудата на Вардар и да го преземе кормилото на европскиот шампион.

47-годишниот стратег ерата во Еурофарм Пелистер ја заврши со три порази и една победа во ЕХФ Купот, три победи и пет порази во СЕХА, две победи и седум порази во Лигата на шампионите, додека плеј-офот на Суперлигата го затвори со десет победи и два порази од Вардар. Во Купот на Македонија беше сопрен токму од Вардар во полуфиналето во Куманово. 

Неговиот наследник на клупата на Еурофарм Пелистер, Жељко Бабиќ, во досегашната тренерска кариера, како помошник тренер со репрезентацијата на Хрватска освоеи бронзени медали на Олимписките игри во Лондон 2012 година, Европското првенство во Србија 2012 година и Светското првенство во Шпанија 2013 година.

Како селектор со ракометната репрезентација на Хрватска, на Европското првенство во Полска во 2016 година го освои бронзениот медал. Бабиќ е докажан ракометен стручњак, кој во овој проект влегува со голем ентузијам и желба за постигнување на врвни резултати и се разбира враќање на ракометните титули во најракометниот град.

Во подготвителниот период пелистерци под водство на Бабиќ извојуваа четири победи (двапати над КЛ7 и Спартак Суботица и Војводина), додека беа поразени во првото дери против Вардар. Своето официјално деби на клупата на битолчани, Хрватот ќе го има утре, за кога е закажан дуелот во Нашице (15:00 часот).