Историјат со ривалите: Унгарија ни е кошмар, плус со Холандија, деби со Гвинеја

Ракометната репрезентација на Македонија доби посакувана група на Светското првенство (СП) кое ќе се игра во 2025 година. Базата ќе биде Вараждин, а ривали се Унгарија, Холандија и Гвинеја.

Најмногу од сите ривали нашиот национален тим има играно против Унгарија. Унгарците не ни лежат, затоа што во вкупно 13 одиграни натпревари ги имаме победено само двапати, додека единаесет меча завршија со наш пораз. Последното соочување е пред една деценија, игравме на шампионатот во 2014 година, кога ривалот победи со 25-31.

Холандија, пак, е новитет во ракометот, па затоа имаме пет меѓусебни натпревари вклучувајќи ги и пријателските натпревари. Билансот е во наша полза, вкупниот резултат во пресметките е 3-2. Последното соочување беше за заборав, затоа што на СП 2023 „лалињата“ предводени од Каи Смитс славеа со 24-34.

Против селекцијата на Гвинеја, пак, немаме натпревари, ова ќе биде првпат нашиот национален тим да се сретне со африканската селекција.

Познат е и распоредот по ждрепката, како и датумот на натпреварите во Вараждин. Нашиот национален тим ќе отвори против Унгарија на 15 јануари, додека два дена подоцна, на 17 јануари, ќе следи натпревар со Холандија. Крајот на првата групна фаза е со Гвинеја на 19 јануари.

Саатниците на натпреварите допрва ќе бидат утврдени од ИХФ. Три од четирите репрезентации одат во наредната рунда, додека четвртопласираната ќе игра на Президент Купот.