Историја за Словенија, „змајчеки“ првпат во полуфиналето на Олимписките игри

Репрезентацијата на Словенија продолжува со спектакуларните игри на ракометниот турнир во Париз и успеа да ја исфрли Норвешка во четвртфиналето, откако славеше со 33-28 и се пласира во полуфиналето на Олимписките игри. Ова е најголем успех на словенечкиот ракомет на Олимписките игри и момците на Урош Зорман се на само една победа од медал.

Словенците одиграа одличен натпревар и имаа водство во најголем дел од натпреварот, а во првите триесет минути успеаја да создадат предност од четири гола разлика (12-16). Бобмач „диригираше“, Фермин на голот блескаше, а Блаж Јанц пак беше лидер во реализацијата и асистенции. Одличниот пристап на „змајчеки“ продолжи и во второто полувреме, но Норвешка успеа да внесе неизвесност и намали на „минус два“ во пресрет на последните десет минути. Бомбач доби директен црвен картон, заради удар со топка во главата на противничкиот голман и се чинеше дека Словенците ќе влезат во проблем. Но, тогаш на сцена стапи Миха Зарабец и заедно со Јанц и дефанзивниот „џин“ Мацковчек ја одржуваше разликата. 

Скандинавската селекција чувствуваше дека може да дојде до целосен „кам-бек“, но Урбан Лесјак запиша важна интервенција, а Блаж Јанц постигна гол за водство од 26-23. Маестрална партија играше Алекс Влах и беше вистински предводник на својот тим, а кон него се приклучи и Зарабец. 

Словенците продолжија со одличната игра и на крајот не дозволија загрозување на предноста, па го заокружија триумфот со конечни 33-28 и се пласираа во прво историско полуфинале на Олимписките игри, каде ќе се соочат со силната Данска на Микел Хансен. Единствениот ракометар од македонската Суперлига на опимпискиот турнир, Нејц Цехте, не доби шанса за настап/.

Најефикасен играч на натпреварот беше Алекс Влах со единаесет голови, Блаж Јанц додаде уште девет, додека кај Норвешка прво име беше Александер Блонц со седум погодоци. Во второто полуфинале в петок ќе се сретнат Шпанија и Германија. Големото финале е в недела попладне.

ФОТО/PHOTO: © IHF