• Мартин Танасковски

ВАР-технологијата зема голем замав во спортот за да се сочува регуларноста, а таа ќе биде дел и од македонската ракометна Суперлига, во првиот од двата дуела за титулата во плеј-офот меѓу Вардар и Еурофарм Пелистер.
Како што неофицијално дознава Gol.mk, видеотехнологијата ќе биде поставена во салата „Јане Сандански“ во Аеродром за натпреварот меѓу двата големи ривали на домашната сцена. Системот ќе биде монтиран во соработка со Македонската телевизија (МТВ).
Јавниот национален сервис ќе го пренесува натпреварот, а ВАР-технологијата ќе биде поставена на записничката маса. Целта на овој систем е натпреварот да мине без полемики и да се прегледуваат спорните или одлуките кои носат дилема кај арбитрите.
Главни судии на натпреварот ќе бидат Димитар Митревски и Благојче Тодоровски во првата сезонска битка за домашната ракометна титула. Делегати на средбата се Драган Начевски и Ацо Николовски. Натпреварот меѓу Вардар и Еурофарм Пелистер се игра во недела со почеток од 18:00 часот.