Истече договорот на Кокшаров, Вардар ќе добие нов спортски директор

Новиот претседател Михајло Михајловски од денес го презеде новиот субјект, Вардар 1961 и засилено се подготвува со комплетирање на тимот и администрацијата која ќе го води актуелниот европски првак во иднина. Ако играчкиот кадар е во голем дел реализиран (недостигаат среден и десен бек), Михајловски мисли и реновирање на раководни места во структурите на клубот.

Луѓето кои го водеа Вардар во периодот на Самсоненко нема да продолжат да работат во скопскиот гигант, а вчера му истече договорот на спортскиот директор Едуард Кокшаров. Прославениот поранешен руски репрезентативец, а во еден период и привремен тренер на клубот, нема да добие нов договор, ни потврдија водечките луѓе на Вардар. Кокшаров по неколку години заминува од Скопје и е во потрага по нов ангажман, откако повеќе не е ниту селектор на Русија. Наскоро Вардар ќе го именува неговиот наследник.

Претходно, Вардар го загуби и физиотерапевтот Димитар Маневски, кој заедно со Билјана Црвенковска, му пристапи на новиот суперлигаш Голден Арт КЛ7. Клубот целосно ја промени и својата администрација и логистика и ќе започне од почеток со стартот на новата сезона.

Тренерот на Вардар, Стевче Алушовски ќе прозива за сезоната 2020/21 на 17 јули.