Исланд мачно ги совлада Јапонците, мечот со Македонија ќе биде одлучувачки

Gol.mk на Светско првенство во ракомет 2019

Фаворитот Исланд се испоти, но ја совлада Јапонија со 25-21 (13-12) и се израмни по бројот на победи со Македонија на само уште 60 минути за селекцијата на Гудмунсон до крајот на групната фаза. Само искуството и подобрата игра во одбрана пресуди во полза на Исланд, а Јапонија пак беше рамноправен ривал, исто како пред два дена против Шпанија.

Исландските ракометари почнаа по „нотите“ на Палмарсон и брзо поведоа до 2-5. Сепак, носени од непредвидливиот напад, Јапонците полека фаќаа приклучок. Агире и Ватанабе беа незадржливи и максимално ја користеа одбраната на најдобриот јапонски ракометар Токуда.

Со текот на времето, Јапонците ја стопија предноста и при 7-7, Гудмунсон повика тајм-аут. Скандинавците не се созедоа и во 23. минута азискиот вицешампион поведе. Сепак, момците на Дагур Сигурдсон примија два гола по технички грешки во последната минута и Исланд на одмор замина со +1.

Пак подобро отворија Европјаните, а во 41. минута Шида заработи директен црвен картон и им ја отежна работата на Сигурдсон. Постојано водеа Исланѓаните со 2-3 гола разлика, но во 54. минута Ватанабе погоди за 20-21. Сепак, Сигурмансон со два гола го зададе завршниот удар и Исланд извојува тешка победа со 21-25. Така, извесно е дека меѓусебниот дуел меѓу Македонија и Исланд утре ќе го даде третиот патник од минхенската група во главната групна фаза.

Најефикасни во исландскиот табор беа Гунарсон и Сигурмансон со по пет погодоци, а кај Јапонија одличен натпревар одиграа Агире со четири и Ватанабе со три гола. Попладнево во четвртото коло од Б групата играа Бахреин и Хрватска, а во вечерниот термин се среќаваат Македонија и Шпанија.