Името „Младост“ оди во историја, спортската сала во Битола ќе се вика „Боро Чурлевски“!

Боро Чурлевски насловна

Советот на Општина Битола денес гласаше за точката на дневен ред да се промени името на спортската сала „Младост“.

Спортскиот храм во иднина ќе биде именуван по битолската и македонска ракометна легенда, Боро Чурлевски, а иницијативата беше изгласана едногласно, од власта и опозицијата. 

Легендарниот среден бек долги години ги бранеше боите на Пелистер и македонската репрезентација, а почина на 49 години во 2014 година. Битолскиот прволигаш на крајот на следниот месец ќе биде организатор на меморијален ракометен турнир во негова чест, а на истиот ќе настапат шест екипи поделени во две групи.

Чурлевски ја започна играчката кариера во Пелистер во 1984 година и трипати се радуваше на вице-шампионската титула во СФРЈ во периодот помеѓу 1984 и 1990 година. Потоа една сезона играше во Црвенка од каде повторно се врати во матичниот Пелистер. Следуваше анганжман во Тутунски Комбинат од Прилеп со кој ја освои титулата во Втората ракометна лига на СФРЈ.

По осамостојувањето на државата, кариерата ја продолжи во Борец со кој во 1993 го постигна најголемиот успех, освојувајќи го Купот на Македонија. Кариерата постојано го враќаше во Битола, па по авантурата во Велес, одново го облече зелениот дрес на Пелистер со кој во период од пет години освои четири трофеи во националното првенство и пет Купови на Македонија.

Во сезоната 1999/00 играше во грчки Килкис, а кариерата ја заврши во црногорскиот тим Ловќен со кој ја освои шампионската титула во Црна Гора во сезоната 2000/01.