„Имаме свои квалитети кои сакаме да ги покажеме против шампионот“

Екипата на Пролет 62 го има можеби најтешкиот предизвик во македонската Суперлига и гостува кај актуелниот шампион, Еурофарм Пелистер. Избраниците на Александар Јовиќ имаат скоро сигурен пласман во плеј-офот и во Битола патуваат комплетно растоварени од било каков резултатски притисок. 

Во секој случај, Еурофарм Пелистер важи за голем фаворит, но и скопскиот тим највува дека сака да се надигрува и нема лесно да се откаже од идејата за поволен резултат. На претходниот меч во Скопје, Пролет долго му парираше на шампионот, па затоа се очекува голема битка за бодовите и на овој дуел. 

„Свесни сме за фаворитската улога на противникот, но тоа не значи дека однапред ќе се предадеме на теренот во Битола. Имаме свои квалитети што сакаме да ги покажеме токму против најквалитетните тимови во македонскиот ракомет, затоа и веруваме дека ќе се прикажеме во добро светло на овој натпревар.

Клучна ќе биде дисциплината во нападот, за да не дозволиме по наши загубени топки противникот да постигнува лесни голови. Ако го оствариме тоа, би можеле добро да му парираме на Еурофарм Пелистер“, порачуваат избраниците на Александар Јовиќ во пресрет на вечерашниот натпревар.

Натпреварот помеѓу Еурофарм Пелистер и Пролет 62 е закажан за сабота во 19:00 часот и ќе претставува прво враќање во Битола за тренерот Александар Јовиќ, кој минатата сезона ја донесе шампионската титула кај пелистерци и до скоро работеше во битолскиот суперлигаш.