Илиќ блесна во финишот, ЖРК Вардар со супер-победа над Металург

Екипата на ЖРК Вардар направи голем исчекор кон освојување на втората позиција на табелата во женската лига и славеше во скопската пресметка (24-22) над градскиот ривал ЖРК Металург.

Дуелот на двата некогашни прваци на Македонија беше драматичен до самиот финиш, а се реши во последните минути. Вардарки беа подобри во првото полувреме, имаа во еден момент и 15-12, а откако Металург полека се враќаше и изедначи на 22-22, прашањето околу победникот го дадоа последните минути.

Металург имаше дури и напад за водство, ама голманката Илиќ одбрани, па во првиот напад Вардар погоди преку Михаела Стојановска. Откако Металург не реализира повторно благодарение на одбрана на Илиќ, Бојана Диневска погоди за конечни 24-22.

  • Комплетниот натпревар меѓу ЖРК Металург и ЖРК Вардар: 

Најдобра во победата кај стрелците беше Диневска со седум гола, пред Трпевска со пет, додека кај Металург, Тасевска постигна седум гола, пред Николиќ со пет. ЖРК Вардар со оваа победа се зацврсти на второто место, веднаш зад лидерот ЖРК Куманово.