Илиевски: Пролет нема што да загуби, одиме на победа против Бутел!

Пролет пред крајот на годината остана без тренерот Никола Матлиевски, а улогата на привремено решение ја презеде Игор Илиевски. Тој ќе го води скопскиот тим барем до крајот на календарската година, а на своето деби загуби по драма на гости во Куманово. 

„Чест ми е што сум тука како дел од првиот тим, по работата во младинската школа на Тинекс Пролет. Задоволен сум од она што го видов од екипата во Куманово, момците покажаа дека можат, знаат и сакаат да играат квалитетен ракомет и тоа ми дава верба за уште подобри резултати во иднина. Штета е што поради две-три контроверзни судиски одлуки во финишот останавме без победатa, но што е тука е, веќе со мислите се насочивме кон преостанатите две средби до крајот на годинава, против Бутел дома и во Битола против тимот на Еурофарм Пелистер 2“, вели Илиевски.

Следниот предизвик на Пролет ќе биде дуелот против Бутел Скопје на домашен паркет. 

„Бутел е тим што го почитувам, станува збор за екипа што е во речиси ист состав неколку сезони, со ист тренер кој има јасна визија за играта. Нашите дуели секогаш се интересни и квалитетни, очекувам така да биде и в сабота. Ние немаме што да загубиме, ќе одиме на победа на двете средби до крајот на сезонава, oчекувам добар меч на двете екипи, па нека подобри подобриот. Се надевам дека тоа на крајот ќе бидеме ние, бидејќи како што рекови момците покажаа дека имаат знаење и желба за да играат квалитетен ракомет“

Натпреварот меѓу Пролет и Бутел се игра во салата „Македонско Сонце“ во терминот од 15:00 часот.