Играчите му свртеле грб, славниот Душебаев направил раздор во Киелце!

Легендарниот Талант Душебаев замина од Киелце после цели 12 години, иако оваа одлука беше изненадувачка за многумина во ракометниот свет. 

Голем дел од јавноста мислеше дека во прашање се лошите резултати на екипата, но новите информации говорат дека постоел и голем внатрешен конфликт во соблекувалната. 

Според наводите на неколку полски медиуми, проблемите започале после поразот од Висла Плок во полуфиналето на Купот, кога искусниот тренер упати жестоки критики до играчите, што предизвикало голема „бура“ во соблекувалната. 

Некои играчи се заканиле дека ќе ги бојкотираат тренинзите, па затоа морала да реагира и клупската управа. Се формирале две групи - најголем дел од ракометарите му го завртеле грбот на тренерот, а поддршка имал само од неговите синови - Алекс и Даниел. 

Овој конфликт го забрзал заминувањето на Талант Душебаев - нешто што беше планирано за крајот на тековната сезона. Во моментов, привремен тренер е Кжиштоф Лијевски, а наскоро се очекува и новото перманентно решение за клупата на Киелце.