И Вардар го слави учеството на Пелистер во ЛШ - ќе игра директно во групната фаза во ЕЛ!

Веста околу кај кои екипи ќе завршат поднесените „вајдд-карти“ за учество во Лигата на шампионите, не ја чекаше само нашиот шампион Еурофарм Пелистер, туку и најтрофејниот македонски ракометен колектив – Вардар 1961.

Денес, ЕХФ го затвори кругот на учесници во новата сезона во Лигата на шампионите, а таму место имаше и за пелистерци. Еурофарм Пелистер втора година по ред ќе бидат дел од европската ракометна елита, а тоа отвори нови бенефити за македонскиот ракомет. 

Имено, поради фактот што „зелено-белите“ ќе играат во групната фаза во Лигата на шампионите, вицешампионот Вардар 1961 доби директно учество во групната фаза на второто по ранг натпреварување на ЕХФ, Европската лига, а не низ квалификации, кои не се едноставни да се минат.

Тоа значи дека Македонија во следната сезона ќе има по еден претставник во групните фази во Лигата на шампионите и Европската лига, додека Алкалоид ќе се натпреварува во ЕХФ Купот.