И пелистерци добија свој Раул, шпански тренер ќе го води шампионот!

Македонскиот ракометен првак Еурофарм Пелистер го презентира новиот тренер и добива шпански „шмек“ во стручниот штаб. Клупата на пелистерци ќе ја наследи Раул Алонсо, кој доаѓа по заминувањето на Бранислав Ивановски минатиот месец. И шампионот доби свој Раул, откако во минатото Вардар го водеше Раул Гонзалез и го одведе до првата европска титула.

Еурофарм Пелистер преку социјалните мрежи го потврди потписот на договорот со Алонсо. Шпанецот стави потпис на соработка која е валидна до јуни 2026 година и веднаш ќе започне со работа со тимот. Дебито во редовите на шампионот Алонсо ќе го има против Прилеп на 16 ноември (сабота), а четири дена подоцна ќе го води тимот против Фредериција во Лигата на шампионите.

„Ни претставува особено задоволство да ви го претставиме нашиот нов предводник, кој доаѓа од земјата на ракометот. За првпат во историјата Еурофарм Пелистер ќе има шпански тренер на клупата и ќе работи по методот на добро познатата шпанска школа. Од денес наш нов тренер е Раул Алонсо, кој потпиша договор до крајот на оваа и наредната сезона, заклучно со јуни 2026 година.

45-годишниот Раул Алонсо голем дел од својата ракометна кариера како тренер ја мина во Германија. Тој работеше во Обернбург, Рајн Мен Бинен, а од 2010 до 2015 година беше дел од стручниот штаб на големиот Кил. Со „зебрите“ стана двоен европски првак како асистент на Алфред Гисласон, а заедно освоија и серија на домашни трофеи од Бундеслигата, Купот и Суперкупот на Германија. Потоа стана директор на академијата на Кил, а напоредно работеше и во Германската ракометна федерација. Самостојна кариера почна во Австрија, каде со успех го водеше Тирол. 

Во 2018 година ја прифати понудата на Маноло Каденас и се пресели во Белорусија како асистент тренер. По само една сезона го презеде кормилото на белорускиот првак и не погреши. Во две сезони како прв тренер на екипата ги освои сите домашни трофеи и стигна до четвртфиналето и осминафиналето на Лигата на шампионите. Во 2022 година Раул се врати во Германија и го водеше тимот на Ерланген“, напишаа од Еурофарм Пелистер.

45-годишниот шпански стручњак доаѓа во Битола откако последно работеше во бундеслигашот Ерланген во сезоната 2022/23. Поранешното лево крило кое цела професионална кариера ја мина во Обренбург работи како тренер од 2006 година. Уште тогаш го водеше тимот во кој се прослави, а потоа беше тренер на Рајн Мен Бинем.

Кариерата го водеше да биде помошник во стручниот штаб на Кил, имаше и ангажман во репрезентацијата на Германија, па во 2015 година замина во австриски Тирол. Три години подоцна доби повик од големиот Маноло Каденас и една сезона му беше асистент во Мешков Брест. Потоа и самостојно го водеше тимот со успех во првенството и Лигата на шампионите, а последниот ангажман му беше во Ерланген.