• Иван Димовски

Хуан Карлос Пастор и Ракометниот сојуз на Египет нема да ја продолжат соработката и Шпанецот по истекот на договорот во јуни ќе го напушти кормилото на оваа репрезентација.
Целта беше јасна, Пастор требаше да го одведе Египет до медал или барем борба за истиот на Мундијалот годинава, ама не успеа во тоа. Сојузот преку социјалните мрежи ја потврди разделбата со искусниот стратег.
„Египетскиот ракометен сојуз сака да му се заблагодари на Хуан Карлос Пастор за периодот во кој ја водеше сениорската репрезентација, а кој ќе заврши на 30 јуни 2025 година според потпишаниот договор“, напишаа Еѓипќаните.
Египет на минатото Светско првенство беше елиминиран во четвртфиналето, а тоа беше окарактеризирано како неуспех. Африканската селекција загуби во тесен меч од Франција со гол на Лука Карабатиќ во последната секунда од половина терен. Претходно меѓу осумте најдобри Египет се пласира и на Олимпсиките игри во Париз.
На египетската клупа Пастор седна во март 2023 година наследувајќи го Роберто Гарсија Парондо. Тој успешно го водеше Египет на неколку меѓународни турнири, ама не успеа да го исполни сонот за освојување на интерконтинентален медал.