Хрватскиот гигант има нов тренер, добро познато име се врати во Загреб!

Хрватскиот шампион Загреб со нов тренер ќе ги започне подготовките за новата сезона. Клубот официјално го назначи Хрвоје Хорват за нов шеф на стручниот штаб, со што по три години минати во швајцарскиот Кадетен Шафхаузен се враќа во својата татковина.

Хорват добро го познава клубот, бидејќи во минатото настапуваше и како играч за Загреб, а сега ќе има задача да предводи тим во кој ова лето пристигнаа дури осум нови ракометари.

Тренерската кариера ја започна во Дубрава, а потоа ги водеше Нексе, германски Вецлар и швајцарски Кадетен Шафхаузен. Во трите сезони минати во Швајцарија освои дури шест трофеи, потврдувајќи се како еден од најуспешните хрватски тренери во последните години.

Покрај клупската кариера, Хорват има богато искуство и на репрезентативен план. Беше селектор на кадетската, јуниорската и сениорската репрезентација на Хрватска, а сега ќе се обиде да го врати Загреб на највисоко ниво и во европските натпреварувања.