Хрватска со брилијантна партија и убедлива победа над Словенија одговори на критиките

Ракометарите на хрватската селекција по двете неубедливи партии против Италија и Македонија, конечно го покажаа најдоброто од себе и против Словенија одиграа фантастичен натпревар во последниот тест пред настапот на Светското првенство. Еден од домаќините на планетарниот собир им одржа лекција по ракомет на соседите и на крај славеше со убедливи 33-25.

Момците на Дагур Сигурдсон отворија мотивирано и квалитетно и уште од самиот старт наметнаа свое темпо, кое му создаде многу проблеми на противникот. Словенија никако не можеше да најде рецепт за одличната игра на домаќинот и на еден начин се предаде уште во првото полувреме. Хрватска на пауза замина со предност од седум гола (16-9), кон средината на второто полувреме водството на домаќинот се искачи и на +9, а на крај конечниот резултат гласеше 33-25.

Во пресрет на шампионатот во Хрватска, Данска и Норвешка, вечерва контролни натпревари одиграа уште неколку селекции. Шпанија на свој терен славеше над Словачка со 34-30, Египет беше поуспешен од Романија (30-33), додека Данска со 19 гола разлика му нанесе пораз на Бахреин (39-20).